За трета година по ред и по втор пат во рок од два месеци, бугарски лекари пристигнаа во албанскиот регион Мала Преспа, каде што живеат и луѓе со бугарско потекло, за да извршат прегледи на локалното население, пренесува Трибуна.
Традиционалната иницијатива е организирана и финансирана од Фондацијата „Бугарска памет“ и нејзиниот претседател д-р Милен Врабевски, со поддршка на бугарските министерства за надворешни работи и одбрана, како и во соработка со албанското Министерство за здравство.
Откако во октомври над 350 жители на општина Пустец, Мала Преспа, беа прегледани од специјалисти по кардиологија, внатрешни болести, ендокринологија, ревматологија и дерматологија, овојпат бугарските лекари ќе вршат прегледи во областите мамологија, урологија, офталмологија, неврологија и оториноларингологијата.
Тимот е предводен од проф. Иван Гаврилов – раководител на одделението за градна хирургија во Универзитетската специјализирана болница за активно лекување по онкологија „Св. Иван Черноземски“, Софија.
Иницијативата не е случајно реализирана во розовиот месец октомври – посветен на борбата против ракот на дојката, и по барање на градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски, поради сериозниот недостиг од специјализирани здравствени услуги во регионот.
Во хуманитарната мисија учествуваат лекари и од неколку од најголемите болници во Бугарија – УМБАЛ „Св. Иван Рилски“, УМБАЛ „Св. Анна“ и УМБАЛ „Палмед“.
На официјалното отворање на прегледите присуствуваа д-р Милен Врабевски, Андреј Ковачев – член на Европскиот парламент, и амбасадорот на Бугарија во Албанија г. Ивајло Киров.
„Ние ги исполнуваме нашите ветувања и сакам да ве уверам дека и денес сме тука за да пружиме бесплатна помош на населението во Мала Преспа“, изјави пред медиумите д-р Милен Врабевски.
Според д-р Андреј Ковачев, иницијативата е прекрасен пример за добрососедство и претставува олицетворение на европската идеја за заедништво.
Амбасадорот на Бугарија во Албанија, г. Ивајло Киров, додаде дека д-р Врабевски инвестирал значителни средства во општината, насочени кон подобрување на квалитетот на животот на луѓето и поддршка на европската интеграција.
За време на отворањето, проф. Гаврилов подари на локалните цркви и на општината специјално насликани икони од град Тројан.
Мисијата е дел од доследната и долгорочна стратегија на Фондацијата „Бугарска памет“ за поддршка на бугарската историска дијаспора и помош на луѓето во Мала Преспа – не само преку медицинска грижа, туку и преку образование, култура, социјална ангажираност и поттикнување на европските вредности и интеграција.























