Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес се сретна со кралот на Велика Британија, Чарлс III, во замокот Виндзор, објави Би-Би-Си. Ова е трета средба меѓу украинскиот лидер и британскиот монарх од почетокот на 2025 година, што укажува на континуираната дипломатска поддршка на Лондон за Киев.

Според извори од британската влада, разговорот се фокусирал на хуманитарната ситуација во Украина, како и на прашањата за реконструкција и повоена обнова. Кралот, како што беше додадено, изразил почит кон украинскиот народ за неговата „издржливост и храброст во тешки околности“.

По приемот во Виндзор, Зеленски ќе се сретне со британскиот премиер во Лондон, каде што заедно ќе учествуваат на состанок на групата земји што ја координираат воената и финансиската поддршка на Украина.

Оваа средба следува по неодамнешните разговори на Зеленски во Париз со францускиот претседател Емануел Макрон, за време на кои украинскиот лидер истакна дека „постојат реални шанси за политичко решение на конфликтот“, но дека за тоа е потребна „обединета позиција на западните сојузници“.

Во последните неколку дена, Зеленски ја продолжи својата дипломатска турнеја низ европските престолнини, обидувајќи се да обезбеди долгорочна поддршка и зголемување на финансиската помош, во време кога западната јавност се соочува со зголемен воен замор, анализира медиумот.

Фото: принтскрин

Текстот Трета средба меѓу Зеленски и кралот Чарлс од почетокот на годината е превземен од МАКФАКС.