Грчката влада најави две нови мерки за ублажување на една од најтешките станбени кризи во Европа — воведување социјален наем и социјални станови.

Министерката за социјална кохезија и семејство Домна Михаилиду изјави дека проектите ќе се базираат на користење на запуштени државни имоти, меѓу кои и поранешни воени кампови во Атина, Солун и Патра, каде ќе се изградат 1.500–1.700 станови за домаќинства со средни приходи.

Втората мерка предвидува јавнo-приватно партнерство: приватните инвеститори ќе ги обновуваат напуштените јавни згради, а на државата ќе ѝ препуштаат најмалку 30 отсто од новите станови.

Иако мерките се оценети како позитивен чекор, експертите предупредуваат на бавни административни постапки и сложеност на имотните односи, што може да го успори процесот.

Според анализата на платформата „Просперити“ просечната цена на недвижнините во Грција достигнува 300.000 евра, додека новоградбите се достапни само за висока класа. Стапката на сопственост паднала за 12 отсто, а младите сѐ потешко доаѓаат до свој дом.

„Просперити“ предлага дополнителни решенија — наем со можност за купување, државни гаранции и даночни олеснувања, како и попрогресивен данок за празни станови и создавање национална база на податоци за недвижнини.

Како што вели Антониос Маркопулос од „Просперити“: „Клучот за стабилизирање на пазарот е транспарентност.“

Фото: архива

Текстот Грција воведува социјални станови за справување со станбената криза е превземен од МАКФАКС.