Од Друштвото на писателите на Македонија велат дека будно и со длабока загриженост го следат случајот со спомен куќата на Владо Малески во Струга, која претрпе сериозни оштетувања поради небрежност при градежни работи во нејзина непосредна близина.
Куќата на Владо Малески, еден од деветмината основачи на Друштвото на писателите на Македонија, има статус на поединечно заштитено добро, а за неговата добробит се одговорни Заводот и музеј на Охрид, Управата за заштита на културно наследство и Комисијата за управување со Охридскиот регион.
„Со оглед на тоа што една од основните заложби на Друштвото на писателите на Македонија е грижата за книжевното и културното наследство што ја негува колективната културна меморија и го афирмира ликот и делото на неговите основачи, воедно и втемелувачи на современата македонска државност и култура, Управниот одбор на Друштвото на писателите на Македонија бара од надлежните институции координирано да овозможат да се преземат сите неопходни мерки за што поскора санација на настанатата штета и враќање на спомен куќата на Владо Малески во Струга во нејзината првобитна состојба“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека советниците, директорите, градоначалниците и функционерите се менуваат, но Друштвото на писателите на Македонија останува тука, и ќе продолжи да го следи текот на развојот на овој нестан, и во никој случај нема да дозволи оваа небрежност и предмет да залута по бирократски лавитинти и ќорсокаци, туку ќе продолжи да инсистира на преземање на сите неопходни мерки сè додека не се дојде до конечна позитивна разрешница.
Текстот Друштвото на писатели бара што поскора санација на спомен куќата на Владо Малески е превземен од МАКФАКС.