Во петок, 17 октомври, ќе биде отворена изложбата на Васил Василев насловена „Континуитет како метафора 1967 – 2012 / 2012 – 2025, во 19 часот во објектот Даут пашин амам.

Скулпторскиот опус на Васил Василев е еден континуум на темелни, истрајни и инвентивни истражувања. И покрај тоа што неговиот развоен пат се движеше од конкретни фигуративни облици, до сведување на фигурата на знак, основните параметри не се променија, како и односот кон објектот. Без оглед на одредени стилски поместувања во ракописот, зависни и од матрицата на непосредни или посредни инспиративни доживувања, неговиот ликовен опус дозволува да се дефинира низ варијациите кои се одвиваа внатре во една усвоена и со време доградувана и надградувана ликовна синтакса.

Асоцијативните вертикали, дел од последниот циуклус на Василев, се резиме на сите атрибути на неговото обликовно размислување, преведени и пренесени со минимални формални содржини, со концентрирање на оние круцијални севкупости на негово дело: конкавни и конвексни, мазни и рапави, темни и светли површини, содржини на растот на нивното вертикално градење, наизмнично сменување, мултиплицирање, до затворање во рамка. Рамката е начин на потенцирање, истакнување, но и смирување на разиграната, ритмична обликовна, структурална шема во јадрото, онаа слична постапка што се јавува уште во неговите дела од осумдесеттите години (Ритам, 1983), сега со еден позатворен статички ритам и посимплифицирана форма.

Значи, ликовната структура на делата на уметникот од почетокот на седумдесеттите години, континуирано се движи до најновите негови остварувања. Во нив се содржани и цртежот и релјефот, архитектонското редење на тогаш понагласени волумени, како и пиктуралните примеси (главно во згаснати тоналитети со патина на дрвото).

Асоцијативните вертикали се надоврзуваат на вертикалите од седумдесеттите години (Каријатиди). За разлика од поранешните вертикали кај кои формата често ја градеше по принципот рамна површина волумен, сега, од една страна ја симплифицира формата, но, од друга ја усложнува со слоевитата архитектоника или пак со релјефно разиграните површини.

Комбинацијата на скулптура и релјеф, но и пиктуралното третирање на материјалот со меки тонски премини и светло-темни градации или звучна колористичка игра, се дефинирани и со движењето на линијата. Линеарната арабеска датира од почетоците на неговото творештво, присатна е во сите негови дела и се јавува со варијабилен интензитет и улога: некаде го иницира формирањето на обликот, некаде ги бележи, разграничува формите, некаде го нагласува волуменот, а некаде ја иницира колористичката игра на релјефните сегменти. Секако, таа ја има една од примарните улоги во формирањето, во обликувањето на делото. Звукот на линијата, цртачките елементи, кои ја затвораат или отвораат формата, како и играта на светло-темното, ги доловува со различна обработка на материјалот, ја збогатува скулптурата со внатрешна виталистичка енергија до степен кога сугестивното реално, се трансформира во асоцијативно, делото станува знак со повеќезначенски конотации. Го зацврстува сведувањето на мотивот на почист облик, приклонувајќи се, во некои ситуации, кон симетричната хармонија на композицијата или, пак, барајќи го редот во дискретните ритмови на волуменот.

Развивајќи ги можностите на новите изразни форми во контекст на неговиот однос кон материјалот и начинот на неговата транспозиција, во најновите дела, Василев остварува еден особен вид на ликовен израз кој неспорно комуницира и со неговите претходни творечки фази, сега базиран врз позгусната коегзистенција на линијата, на понагласени колористички сегменти, на шематичноста на линеaрните, релјефните и колористичките ритмички стилизации.

Овие испреплетени облици, прецизно градени, напластени дрвени форми, во нивната сложена разновидност, во варијабилната низа на асоцијации (од чисти геометриски до асоцијативни флорални мотиви), во себе носат карактеристики на едно, медитативно и наместа ирационално расположение кое го емитуваат неговите спонтани игри на архитектонски градените асоцијативни вертикали. Патоказот во барањето меѓу идеализираното и животното, е насочен кон проблемско и загадочно, кое во последните дела добива епилог на траење, како блесок на трагата на возбудата. Експресивно зајакнати психолошки состојби се манифестираат во изразот на внатрешната архетипска снага и нејзиното распространување, во големиот бран на декоративните геометриски созвучија.

Главниот ефект сега го презема целосноста на масивот на вертикалата со своите внатрешни кршења во наизменичното сложување на формите, во нагласената и незаобиколна игра на светлоста и на сенките. Воглавно, потиснувајќи ги облините, наклонува кон поостри геометризирани плохи (правилни парчиња дрво) кои ги напластува вертикално или создава врежани, издлабени одвојувања на формите во самата нивна релјефна поставеност. Таков пристап како да му служи на авторот да се ослободи од органската врзаност за волуменот, од укрупнување на формите и нивното волуминозно навлегување една во друга, префрлајќи се на микро план на ситнење на елементите во градењето на композицијата, што го доведе до дескриптивната сликовитост на обликот, го насочи кон цврстината на скулптурата, облиците ги сведе на некои основни елементи мултиплицирани и модифицирани низ слободната интерпретација. Во нив најде извор на системски интерпретации на неограничената моќ на мозаичното поставување или дефинирање на сегментите од целината, кои се движат од вдлабнати, цртачки организирани форми, преку суптилни тетоважи во вид на арабеска, колажно поставување на помали мозаични форми, до редење, умножување на исти или слични форми и до нивната разбранувана, разиграна поставеност во различни насоки.

Текстот Изложба на Васил Василев: „Континуитет како метафора 1967–2012 / 2012–2025“ е превземен од МАКФАКС.