Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, реагираше на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можното испраќање крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина. Во објава на Телеграм, Медведев рече дека таков потег би можел да има сериозни последици.

„Трамп рече дека ако рускиот претседател не го реши украинскиот конфликт, „тоа ќе заврши лошо за него“.“ Накратко, тој се заканува по стоти пат, напиша Медведев. Тој додаде дека евентуалната испорака на американски „Томахавк“ во Украина „би можела да заврши лошо за сите, а пред сè за самиот Трамп“.

„Сто пати е кажано, дури и за оние во пругасти униформи, дека е невозможно да се разликува нуклеарен „Томахавк“ од конвенционален во лет. Ако не бидат испукани од Киев, туку од САД, поточно – Трамп – како треба да одговори Русија? Точно така“, напиша Медведев, алудирајќи на можноста за нуклеарна ескалација.

Тој го заврши постот иронично: „Се надеваме дека ова е само уште една празна закана, како приказната за испраќање нуклеарни подморници поблиску до Русија. Но, знаете како оди – подморницата веќе се појави во степите на Украина.“

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање крстосувачки ракети „Томахавк“ во Украина. Зборувајќи со новинарите во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“, Трамп рече дека ќе разговара за ова со Москва.

Трамп го опиша оружјето како „неверојатно, многу моќно оружје“ и истакна дека „на Русија не ѝ е потребно“. Додаде дека веќе разговарал за оваа можност со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во последните недели, украинскиот претседател Володимир Зеленски бараше од САД да испорачаат ракети „Томахавк“, кои имаат дострел од околу 2.500 километри. Таквото оружје би ѝ овозможило на Украина да погоди стратешки руски цели, вклучувајќи воени бази и рафинерии далеку од бојното поле.

Зеленски претходно изјави дека ќе ги користи „Томахавк“ исклучиво против воени цели, а не против цивили. „Никогаш не сме ги нападнале нивните цивили. Тоа е голема разлика помеѓу Украина и Русија“, изјави украинскиот претседател за Фокс њуз.

Фото: принтскрин

Текстот Медведев: Евентуална испорака на американски „Томахавк“ во Украина, би можела да заврши лошо за сите е превземен од МАКФАКС.