Додека вакцинирањето во поголемиот дел од светот е во тек, научниците напорно работат за да утврдат кои се најризичните групи кај кои инфицирањето со ковид-19 може да доведе до смртен исход.
Американски научници откриле дека шизофренијата е втор најризичен фактор за смрт од последиците на ковид-19, пишува порталот Science Alert.
Студијата е спроведена во периодот помеѓу март и мај минатата година на 7.350 возрасни луѓе кои биле позитивни на коронавирус, а научниците ги следеле 45 дена по поставувањето на дијагнозата.
Меѓу нив имало и 75 пациенти кои страдале од шизофренија. Студијата покажала дека ризикот од смрт од ковид кај овие пациенти е скоро трипати поголем отколку кај пациенти кои не страдале од нарушување, откриле истражувачите.
Во споменатата група субјекти, шизофренијата била на второ место според ризикот од смрт од ковид, веднаш по староста.
„Нашите резултати покажаа дека луѓето кои боледуваат од шизофренија се екстремно ранливи на ковид“, рече психијатарот Катлин Немани од Медицинскиот центар Лангоне на универзитетот во Њујорк.
Шизофренијата е ментално нарушување што ја менува перцепцијата на пациентот за реалноста и влијае на неговото расположение.
„Ова се алармантни резултати“, рече Том Полак, психијатар од Кралскиот колеџ во Лондон, кој не учествувал во истражувањето.
„Овие пациенти се и така меѓу најранливите членови на општеството за кои многу здравствени системи во светот не се грижат доволно“, додаде тој.
Болеста може значително да го наруши нивниот имунолошки систем, така што ова е можна причина за ранливост на ковид, тврдат авторите на студијата.
„Истражувањето упатува на тоа дека луѓето кои боледуваат од шизофренија треба да се вбројат во група со висок ризик и да им се овозможи брз пристап до вакцината“, рече психијатарот и епидемиологот Метју Хотоф од Кингс колеџот во Лондон, кој не бил вклучен во истражувањето.