Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина, синоќа, во Валандово ги повика граѓаните, да дадат глас за Перо Костадинов, бидејќи тоа е глас за продолжување на развојот, за секое маало и за цело Валандово.
„Овде луѓето ја знаат тежината на дадениот збор, ја знаат вредноста на чесната и посветена работа. Тоа се одлики и на нашиот Перо и затоа верувам, убеден сум, дека со вашиот глас ќе го продолжиме започнатото и нема да дозволиме Валандово да се врати назад“, порача д-р Филипче.
Тој ја истакна неговата поддршка за актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ, Перо Костадинов, и советничката листа на партијата, упатувајќи порака за единство и победа на СДСМ во Валандово.
„Ние гордо стоиме зад Перо Костадинов, гордо стоиме зад листата на нашите советници, затоа што силно веруваме во нив, во нивната работа, посветеност, во нивната љубов за својата општина, за своето маало, уличка, за својот дом. Тие се темелот на нашата борба“, нагласи д-р Филипче.
Филипче порача дека чесната и посветена работа секогаш носи резултати и напредок, а Валандово е доказ за тоа.
„Кога го имаш тој темел, општината расте со сигурен чекор. Валандово е пример за тоа дека кога се работи чесно, кога се работи посветено, со љубов, со план, со визија – напредокот е загарантиран“, рече тој.
Лидерот на СДСМ потсети на бројните реализирани проекти и конкретни резултати што ја докажуваат успешната работа на Перо Костадинов во Валандово.
„Улици, сали, игралишта, водоводи, градинка, кино сала – тоа што е направено се гледа и вие тоа многу добро го знаете. Затоа Валандово треба да продолжи напред, за секој негов жител, за секое маало, село, улица“, истакна д-р Филипче на граѓанската трибина на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом“, која се одржа синоќа во Валандово.