Европксиот комесар за одбрана Андриус ​​Кубилиус изјави дека германското разузнавање има докази дека Кремљ размислува за напад врз НАТО. Во интервју за полскиот весник „Виборча“ рече дека таквите информации треба да се сфатат исклучително сериозно.

„Верувам во специјалните служби. А германските разузнавачки служби тврдат дека имаат докази дека Кремљ зборува за напад врз НАТО. Ако зборуваат, дали го планираат тоа? Не знаеме. Но, ваквите сигнали мора да се сфатат сериозно. Можно е тие навистина да се подготвени за војна. Мора да се подготвиме и да учиме не само од искуствата на Украинците, туку и од Русите“, рече Кубилиус.

Тој нагласи дека руските сили плаќаат ужасна цена на бојните полиња, но дека тоа не значи дека Кремљ е незадоволен од постигнатото. „Путин требаше да дојде во Киев три дена по почетокот на војната. Но, за време на конфликтот, начинот на водење на војна се промени. Не смееме да заборавиме дека Русите успеаја да се прилагодат на оваа технолошка трансформација. И покрај огромните загуби, Русија е сè уште способна да произведува оружје, муниција и воена опрема во голем обем“, рече тој.

Неговите изјави доаѓаат во време кога Европа сè повеќе дискутира за потребата од зајакнување на одбранбените капацитети и намалување на зависноста од надворешни партнери. Комесарот за одбрана предупредува дека Унијата се соочува со реална закана и дека мора стратешки да инвестира во одбранбената индустрија и да се подготви за сценарио во кое Русија би можела да ги таргетира и членките на НАТО.

Додека Кубилиус и западните разузнавачки служби предупредуваат за можни планови на Кремљ, рускиот претседател Владимир Путин неодамна ги отфрли ваквите тврдења во јавни настапи, нарекувајќи ги „глупости“.

Фото: принтскрин

Текстот Кубилиус: Русите можеби се подготвени да го нападнат НАТО е превземен од МАКФАКС.