Алармантно лоша е состојбата на Клиниката за онкологија, нема терапија, нема реагенси за испитувања, а дел од апаратите за зрачење не работат, тврди Eлена Радеска, од Комисијата за здравство на СДСМ.
„Пациенти во животно загрозувачка состојба, се оставени сами на себе, принудени да купуваат лекови од странство и да плаќаат приватно за дијагностички анализи. Додека граѓаните бараат спас, раководството на клиниката признава дека апаратот за гинеколошка брахитерапија не работи поради задоцнет договор за сервис. Пациенти се одложуваат, животи се ставаат во ризик, а оправдувањата се сведуваат на тендерски процедури и дистрибутерски грешки“, рече таа.
Според неа, ова не е прв пат и вели дека проблемите со недостаток на лекови се контиунирани поради неорганизираност и импровизации откако ДПМНЕ е на власт.
„Но денес, тоа веќе не е административен пропуст, туку прашање на живот или смрт за македонските пациенти. Итна одговорност од министерот за здравство и раководството на Клиниката за онкологија. Не може институции да се правдаат со „тендери“ додека луѓето бараат спас надвор од државата“, рече Радевска.
Таа побара независна контрола и ревизија на целокупниот систем во онкологијата за да се утврди каде е прекинатиот ланец и кој е одговорен.