Познатиот американски комичар и водител Џими Кимел штотуку се врати на малите екрани, а веќе предизвика бура со острите критики кон Доналд Трамп. Изгледа дека воопшто не се плаши од нова суспензија, со оглед на тоа што во синоќешната емисија беше немилосрден кон американскиот претседател.

Eмисијата беше привремено суспендирана „на неопределено време“ откако на 15 септември Кимел ја коментираше смртта на Чарли Кирк. Водителот тогаш зборуваше за „политизацијата“ на смртта на 31-годишникот и за реакцијата на Доналд Трамп, што доведе до одлуката на ТВ куќата „Еј-би-си“. Одлуката предизвика негодување кај бројни јавни личности, но и одушевување кај самиот Трамп. Сепак, суспензијата беше укината и 57-годишниот водител се врати пред камерите.

Во своето враќање на 29 септември, Кимел веднаш се нафрли на одлуката на Трамп да ги декласифицира досиејата за Амелија Ерхарт, пилотка која исчезнала во 1937 година. Трамп на својата мрежа Truth Social напиша: „Многумина ме прашаа за животот и времето на Амелија Ерхарт, толку интересна приказна. (…) Наредувам мојата администрација да ги декласифицира и објави сите владини записи поврзани со Амелија Ерхарт, нејзиното последно патување и сè друго во врска со неа. Ви благодарам за вниманието посветено на ова прашање!“

Кимел цинично прокоментира дека претседателот „вредно работи“ и измислува „секакви глупости“ за да го одврати вниманието од наводните досиеја за Епстајн. „Освен ако нејзиниот последен лет не бил на островот на Џефри Епстајн, никого не го интересира. Барем стигна до буквата ‘E’ во списите. Тоа е напредок,“ рече Кимел.

Забелешката на Кимел се однесува на силниот притисок на јавноста и политиката врз администрацијата на Трамп да ги објави сите документи поврзани со Џефри Епстајн, кој изврши самоубиство во затвор во август 2019 година. Минатиот месец, Одборот за надзор на Претставничкиот дом објави 33.295 страници документи, меѓу кои записи за летови, снимки од надзорни камери и е-пошта.

Во т.н. „роденденска книга“ беше пронајден и цртеж на женско тело за кој се тврди дека го носи потписот на американскиот претседател. Трамп остро демантираше било каква поврзаност со цртежот, нарекувајќи го „лажна работа“, додека неговите адвокати тврдеа дека „не постои автентично писмо или цртеж“. Во меѓувреме, демократите во Конгресот објавија и дополнителни досиеја во кои се појавуваат повеќе познати имиња, меѓу кои и Илон Маск, кој подоцна објасни зошто неговото име се нашло во документите.

Текстот Џими Кимел се врати на ТВ и веднаш жестоко удри по Трамп е превземен од МАКФАКС.