Силно сме посветени на развојот на меѓусебната соработка во областа на одбраната што е показател за довербата која е изградена помеѓу нашите две пријателски земји, заклучија министерот за одбрана Владо Мисајловски и неговиот колега, министерот за одбрана на Босна и Херцеговина, Зукан Хелез на денешната средба во Министерството. Средбата се реализира во рамки на официјалната посета на босанската делегација предводена од министерот за одбрана Хелез, на Министерството за одбрана.
Министерот Мисајловски порача дека најважното за двете земји е безбедноста и стабилноста на регионот, укажувајќи на тоа дека „тоа е апсолутен приоритет, имајќи предвид дека без тоа не можеме да разговараме за развој на ниту една друга област, вклучувајќи ја и економијата.“
Мисајловски додаде дека земјава е целосно подготвена да ја поддржи Босна и Херцеговина во процесот на интеграција во НАТО, при што потенцираше дека „нашите две земји се пријателски и мора да се поддржуваат и да си помагаат во остварувањето на целта – подобро утре на нашите граѓани.“
Во однос на придонесот во ЕУ мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, Мисајловски ја потврди нашата посветеност, информирајќи дека во моментов дел од оваа операција се 33 македонски припадници.
Во пресрет на посетата на Воената академија каде денеска двајцата министри ќе присуствуваат на првиот академски час, Мисајловски рече дека вклучувањето на повеќе питомци од Босна и Херцеговина во новата класа на Академијата е „јасен показател за нашите искрени намери во градењето партнерства и за тоа дека взаемната доверба е на највисоко ниво – од нашата понуда за школување, до вашиот интерес нам да ни ја доверите одговорноста да ги креираме идните лидери на вооружените сили на Босна и Херцеговина.“
Министерот Хелез се заблагодари за школувањето на питомци од Босна и Херцеговина на Воената академија и за придонесот на македонскиот контингент во мисијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина. Министерот се осврна и на интеграцијата во Европската Унија, за која порача дека е исклучително важна за нашите две земји.
На средбата, министрите разговараа и за соработка во доменот на наменската индустрија, како и користењето на полигонот „Криволак“ кој е значаен капацитет на македонската Армија.
Во Министерството за одбрана, освен средбата на двајцата министри, реализирана беше и средба на двете делегации, на која присуствуваше и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.