Овие избори ги сојузија едни од најголемите манипуланти и штетници во Македонија против ВМРО-ДПМНЕ во две не толку видливи но сепак проѕирни коалиции, коишто имаат за цел да зашитат два бизнис интереси, истакна на прес-конференција нтонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ .
Првата коалиција, како што рече, е коалицијата помеѓу ДУИ и Левица.
„Левица извади свои прокси кандидати во Струга и во Тетово, се со цел за да го спасат ДУИ од пораз во прв круг во овие две општини. Тоа е истата онаа Левица и истиот Апасиев, кои го помагаа СЈО за дебели хонорари.
Апасиев нема кандидат во Штип, каде што има пратеник Крмов, затоа што знае дека ќе изгуби. Апасиев нема кандидат во родниот Велес, затоа што знае дека ќе биде поразен, но во Струга и во Тетово, каде што на сите им е јасно дека немаат ниту теоретски шанси, Левица има кандидати за градоначалници коишто треба да служат како гума за спасување на кандидатите на Али Ахмети.
Пратеничката Јована Мојсоска имала средба со висок претставник на коалицијата на Ахмети, неколку дена пред да ја поднесе својата кандидатура за Струга. Дали се работи за истата Левица којашто за СЈО работеше за хонорари, и сега продолжуваат да шуруваат со Ахмети за одредени хонорари, времето набрзо ќе покаже“.
Втората коалиција, според Милошоски, е коалицијата помеѓу Венко Филипче и Стевчо Јакимовски којшто, според него, се наоѓа на црната листа на САД.
„Оваа коалиција ја прави лично Зоран Заев во име на Венко Филипче, бидејќи Зоран Заев и Стевчо Јакимовски се стари другари од едни претходни локални избори, имаат добро разработена шема со градежната мафија и со доделувањето на маркици во општина Карпош.
Во оваа коалиција гледаме дека кандидатката на СДСМ е кандидирана само ради реда, не се ни појавува на одредени митинзи, не се ни појавува ниту во јавност.
Планот е во иднина Карпош да му послужи и на Заев и на Филипче, но исто така и на Стевчо Јакимовски, да биде базата од каде што ќе се финансираат овие поединци, групи и нивните политички опции, преку коишто треба во иднина да делуваат“.
Милошоски додава дека е проѕирна коалицијата на Заев, Јакимовски и Венко Филипче, бидејќи, како што нагласи, маркиците за градба, тендерите, корупцијата им се побитни од владеењето на правото, и почитувањето на црната листа на САД, иако зборуваат за евроатлантски интеграции и стратешко партнерство со Америка.