Кандидатот за градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, денес одржа прес-конференција на која ја претстави својата изборна програма за следниот четиригодишен мандат.

Касами истакна дека изминатите четири години биле посветени на итни интервенции и решавање на основните проблеми со инфраструктурата, финансиската стабилизација и редот во општината.

– „Тетово денес е многу подобро отколку што беше пред 4 години. Успеавме да реализираме стотици проекти и да вратиме долг од 9 милиони евра. Сега сме подготвени да преминеме на ново поглавје – развој и модернизација на градот“, истакна Касами.

Во својата програма за 2025–2029 година, тој предвидува целосно решавање на проблемите со водоснабдување и отпадни води, модерна канализациона и улична инфраструктура, електрични автобуси и бесплатен јавен превоз, дигитализирани јавни услуги и стратегија за паркирање.

Посебен фокус е ставен на образованието со целодневна настава, нови лаборатории, подобрени услови во училиштата и субвенции од 100 евра за секое дете запишано во прво одделение.

Програмата предвидува и урбанистичка трансформација на Тетово со нов Генерален урбанистички план, изградба на Плоштад со подземен паркинг, катни гаражи, пешачки подвозници и жичница Тетово–Лисец–Попова Шапка.

„Вториот мандат ќе биде мандат за брз развој, за европски стандарди во секоја сфера, за заживување на културата, спортот и туризмот, но и за грижа за најранливите категории“, нагласи Касами, додавајќи дека сите проекти се базирани на конкретни стратегии и финансиски планови.

Тој порача дека Тетово не смее да се врати назад во „ерата на хаос, анархија и корупција“ и дека новата програма е „договор за работа“ кој ќе се реализира доследно.

Текстот Нова програма за Тетово на Касами: бесплатен јавен превоз, 100 евра за првачиња, нови училишта, жичница е превземен од МАКФАКС.