Министерството за образование и наука има јасна определба за поддршка на научната дејност и за нејзина стратегиска улога во општеството. И, кога говорам за поддршка, не мислам на еднократна акција, туку на континуиран процес со јасна визија и одржливи политики кои ќе изградат стимулативна средина што ќе ги охрабри домашните истражувачи да останат во науката, да се поврзуваат меѓународно и да генерираат знаење што ќе има корист за целокупното општество.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска на одбележувањето на 60 години од основањето на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
– Овој Институт е меѓу првите високообразовни и научни институции што го трасираа патот на општествените науки во Македонија и сметам дека е важен центар на научната мисла и научното истражување во Македонија, чија работа ќе продолжиме да ја поддржуваме, рече Јаневска, напоменувајќи дека по подолг период, Министерството за образование и наука повторно додели финансиски средства за поддршка на научноистражувачки проекти на државните универзитети и факултети, научни институти и МАНУ, а еден од 15-те проекти од општествените и хуманистичките науки е предложен од истражувачки тим на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања.
Јаневска се осврна и на новиот Закон за научноистражувачка дејност и на новиот Закон за високото образование кои се веќе во напредна фаза на подготовка и ќе претставуваат клучни алатки за остварување на развојот во научната сфера од повеќе аспекти.
– Во меѓувреме, Министерството за образование и наука ќе остане отворено за дијалог и партнерство со академската заедница како активен соработник во креирањето политики што ќе овозможат вистински општествен напредок, додаде Јаневска.
Текстот Јаневска: Вложувањето во науката отсега ќе биде континуиран процес, а не еднократна акција е превземен од МАКФАКС.