„Центар веќе подолго време се соочува со хаос во хигиената поради неработењето на ЈП „Комунална хигиена“ кое е под надлежност на Град Скопје. Илјадници граѓани секојдневно сведочат на преполни контејнери и нечисти улици, иако одржувањето на јавната чистота е законска обврска на градските институции“, велат од Општината.
„Во вакви услови, Општина Центар со сопствени капацитети и преку локалното јавно претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ веќе со денови интервенира и ја презема работата што други ја запоставиле – собирање смет, миење и чистење на улиците.
Вчера, градоначалникот Горан Герасимовски заедно со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски, потпишаа договор за изнајмување на дополнителна механизација и опрема. Овој договор значи значително засилување на теренските активности“, известува Општината.
„Граѓаните на Центар не смеат да бидат заложници на нечија негрижа. Наша должност е да им обезбедиме чисти улици и достоинствено урбано живеење. Затоа обезбедивме дополнителна механизација за поефикасно справување со отпадот и одржување на јавната хигиена“, вели Герасимовски.
„Со договорот се обезбедени следниве услуги и машини:
– Ѓубретарки со капацитет од минимум 18 м³ и 10 м³ за собирање и транспорт до депонија,
– Мала цистерна (0,5 м³) за перење на прометни површини,
– Специјализирана метларка со капацитет од минимум 1,5 м³,
– Изнајмување метални контејнери од 5 м³ на територија на Општина Центар,
– Возило-цистерна со капацитет од минимум 7 м³ за миење и перење улици,
– Возило-подигнувач за подигање и транспорт на метални контејнери,
– Машина за бележење на хоризонтална сигнализација.
Со ова зајакнување на капацитетите, Општина Центар покажува дека и во услови на институционална блокада, интересот на граѓаните е на прво место.
Герасимовски најави дека со новата механизација се почнува веднаш и дека ќе се ангажираат сериозни акции за чистење за да се спречи хаосот кој го создава Комунална хигиена и Градот Скопје“, се додава во соопштението на Општината.
Текстот Герасимовски: Општина Центар обезбеди дополнителна механизација за чистење на улиците и сметот е превземен од МАКФАКС.