Семејството на Теодора Ристовска преку писмено сооопштение извеси дека Апелациониот суд во Гостивар ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово за двегодишната затворска казна за Менсур Пајазити.
Обраќањето го пренесуваме во целост.
„Ние, семејството на Теодора Ристовска, со длабока болка и бес ја известуваме јавноста: Апелациониот суд во Гостивар ја потврди пресудата на Основниот суд во Тетово, со која обвинетиот Менсур Пајазити од с. Голема Речица е прогласен за виновен и осуден на само ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР за кривичното дело што го одзеде животот на нашата ќерка и сестра.
Оваа пресуда е срам за правдата. Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив. Наместо вистинска правда, добивме минимализирање на трагедијата која нè скрши.
Обвинетиот во жалбата се повикува на интересот на јавноста и на владејачката партија како фактор за “превисоката” казна, но тој интерес е многу природен — затоа што кога млад живот е згаснат, секој е потресен. Ако судството не беше труло и корумпирано, никому немаше да му пречи овој интерес. Наместо правда што ќе донесе мир, добиваме систем кој со својата блага и селективна казна создава уште поголема недоверба и омраза.
Ние не бараме привилегии. Бараме човечност и фер однос — она што му припаѓа на секој граѓанин. Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот, туку и самиот систем.
Го гледаме осудениот како слободно се движи, дури повторно седнува зад воланот, без видливо чувство на вина. За нас, тоа е брутална навреда за сеќавањето на Теодора и за секој кој знае што значи да изгубиш дете, сестра или најблиска личност.
И покрај тоа што понатамошниот правен пат до Врховниот суд зависи од Јавното обвинителство, ние нема да молчиме. Ќе продолжиме да бараме одговорност и да сведочиме пред јавноста дека оваа неправда не смее да остане без последици.
Трагедијата на Теодора ќе остане наша вечна болка. Но срамот на оваа пресуда му припаѓа на правосудниот систем. Кога убиецот шета слободен, целата нација е жртва.
Правдата мора да биде видлива, опиплива и вистинска. Животот на Теодора не е бројка во досие — тоа е нашата вечна рана.
И нема да престанеме да бараме правда, за да покажеме дека жртвите не се оставени сами.
Со почит и болка, Семејството на Теодора Ристовска“.
Текстот Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив, наместо вистинска правда, добивме минимализирање на трагедијата која нè скрши, вели семејството Ристовски е превземен од МАКФАКС.