Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска е откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најпрестижните светски дистрибутери на документарни остварувања.

Со ова, првпат македонски филм станува дел од глобалниот каталог на National Geographic и ќе биде прикажан пред публика во над 170 земји, вклучително и преку платформата Disney+.

Покрај договорот со National Geographic, правата за дистрибуција во Австралија, Јапонија и Полска ги откупи британскиот дистрибутер Dogwoof, познат по повеќекратни оскаровски и бафта-наградени филмови.

„Уште како мала, National Geographic ми беше омилена литература. Статиите и приказните од National Geographic ме инспирираа да станам документарист. Од тогаш сонувам да ги доживеам авантурите и предизвиците на фотографите и документаристите кои работат за оваа компанија. И сега, кога истата таа компанија го купи мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон кој не мислев дека може да стане реалност. За мене, тоа е најголема потврда дека филмот е веродостоен и дека неговата приказна е релевантна на светски рамки. Сето ова ни дава надеж дека филмот ќе има уште поголем одек во следната фаза на оскаровската трка, но тоа истовремено нè задолжува да вложиме сериозен труд и работа“ – изјави Тамара Котевска, режисерка и продуцентка на филмот.

Филмот е истовремено и овогодишен македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата најдобар интернационален филм. Досега ја освои „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм – едно од паралелните признанија на фестивалот во Венеција, а беше дел и од престижниот фестивал во Торонто.

„Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор, а ја раскажува врската меѓу земјоделец и повреден штрк.

Меѓународната критика го поздрави филмот како „поетско достигнување со моќна визуелна резонанца“, „болно прекрасен“, и „триумф“.

Текстот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска ja откупи National Geographic е превземен од МАКФАКС.