Илјадници Филипинци протестираа во главниот град Манила и во други делови од земјата, барајќи борба против корупцијата во владата поради корупциски скандал во кој се вмешани пратеници, функционери и бизнисмени кои наводно проневериле огромни суми пари од проекти за контрола на поплави.
– Додека луѓето страдаат поради бури и поплави, некои од оние кои наводно се вмешани во корупција во тие проекти се фалат со своето богатство на социјалните мрежи – изјави еден од водачите на протестите, Франсис Акино Ди, пренесе Блумберг.
Локалните власти изјавија дека повеќе од 70.000 граѓани учествувале во протестот во Манила, објави филипинскиот портал „Раплер“.
Студенти, црковни водачи, милитантни организации и некои пратеници учествуваа на демонстрациите.
Филипинскиот претседател, Фердинанд Маркос, изјави дека ги поддржува протестите, но предупреди дека властите ќе реагираат доколку демонстрациите станат насилни.
Претседателот на Филипините овој месец формираше независно тело за да утврди колку пари наводно биле украдени од државната каса за проекти за контрола на поплави.
Стотици банкарски сметки поврзани со тие проекти се замрзнати, а роднина на претседателот Маркос поднесе оставка од функцијата претседател на Долниот дом на парламентот поради обвинувањата дека бил поврзан со проекти погодени од корупција, негирајќи какво било незаконско дело.
Текстот Илјадници Филипинци протестираат против корупција: „Луѓето страдаат, а тие се фалат со богатството на социјалните мрежи“ е превземен од МАКФАКС.