Зголемувањето на минималната плата не придонесува за затворање на компаниите и не ја уништува економијата, туку создава услови за развој и отворање на нови компании – покажува анализата на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).
Истражувањето, спроведено врз основа на податоци од Централниот регистар, според ССМ, ги демантира тврдењата дека растот на платите води до колапс на компаниите и губење на работни места.
„Газдите ја лажат Владата и јавноста кога тврдат дека ќе се затворат фирмите ако се зголемат платите, а затоа што не му веруваа на ССМ кога јасно и гласно го зборуваше тоа, податоците и фактите од Централниот регистар тоа јасно го потврдуваат и покажуваат дека:
• Во 2022 година, кога минималната плата ( за потсетување, преку протести и штрајкови) ја зголемивме од 15.194 на 18.000 денари, имаше 7.062 новоосновани фирми, а избришани или затворени 5.694.
• Во 2023 година, со зголемување на минималната плата од 18.000 на 20.175 денари, бројот на новоосновани фирми остана 7.062, а избришаните се намалија на 3.372.
• Во 2024 година, со растот на минималната плата од 20.175 на 22.567 денари, имало 6.627 нови фирми, а само 2.891 затворени“, пишуваат од ССМ.
Овие бројки, според синдикатите, јасно докажуваат дека секое зголемување на минималната плата е придобивка, а не закана за економијата и ги побиваат ставовите на газдите и на одредени експерти кои беа прилично гласни на ова поле за да спречат раст на платите.
„Ова е причина повеќе да не се сопре процесот за зголемување на платите, вклучително и зголемување на минималната плата, ова е уште еден силен аргумент за континуиран раст – не само на минималната плата, туку и на сите останати плати!
Работниците не смеат да живеат со минимални примања и да имаат најниски плати во регионот, а Владата е должна да ја поддржи потребата од раст на платите, праведната распределба на профитот и да застане на страната на достоинствениот труд на работниците“, велат од Сојузот на синдикати.
Во соопштението, ССМ испраќа порака и до работодавачите и до Владата: до компаниите – да обезбедат достоинствени плати на работниците; до Владата – да застане зад работниците и да обезбеди зголемување на минималната плата и системски раст на платите за сите.