Коалицијата ВЛЕН реагира на последните настапи на ДУИ, нагласувајќи дека владејачката партија е „проѕирна и очајна“ пред поразот кој ја очекува на 19 октомври.

Од ВЛЕН потсетуваат дека половина од раководството на ДУИ се наоѓа на црни листи за висока корупција, а сепак партијата излегува со прес-конференции за „вредностите“ на Европската Унија. „Уште поиронично е тоа што ДУИ, стеснети од резултатот што ги очекува на локалните избори, се здружија со анти-НАТО и анти-ЕУ партијата на Апасиев во Гостивар, Тетово и Струга. Сега тие зборуваат за ЕУ!“, велат од коалицијата.

ВЛЕН ја обвинува ДУИ дека ја сменила кривичната регулатива спротивно на ставовите на меѓународната заедница, со што, како што посочуваат, „му простре црвен тепих за враќање на Никола Груевски и овозможи ослободување на Сашо Мијалков“. „Денес оваа ДУИ се прави загрижена за европскиот пат, додека корупцијата отсекогаш ѝ била секојдневна практика“, се додава во реакцијата.

Коалицијата поставува и три прашања до ДУИ:

  • Кога Али Ахмети го имал последниот состанок со некој релевантен меѓународен фактор?
  • Дали добиле одговор на писмата кои ги испраќале „низ светот“?
  • Зошто му толерирале на градоначалникот на Липково да краде и да ги труе жителите со арсен?

„За разлика од ДУИ, која ја користи ЕУ само како фасада, додека во позадина го хранеше коруптивниот систем, ВЛЕН преку Планот за раст и Реформската агенда ја доближува државата до европските стандарди преку реформи и конкретни инвестиции“, се вели во реакцијата.