Во сабота (20.09.2025) со почеток од 20 часот ќе биде поставена аудио-визуелната инсталација „Ноксиа“ во надворешниот простор на локалот Books&Dogs Café во Аеродром.

Проектот интегрира транс-медиуми кои со поврзување на алатките на генеративната вештачка интелигенција прикажува комуникациски можности и дисфункционалности. Дигиталнaта комуникација со виртуелните соговорници е функционално истражување на аудио-визуелната инсталација која поврзува уметничко видео, звучен дизајн, актерска игра и поезија.

Инсталацијата интегрира експериментално прикажување на специфична локација (site-specific).

Автори на проектот се видео-авторката Вероника Камчевска и дизајнерoт на звук Горан Москов. Актерката Јасмина Василева ја деконструира човековата состојба, а поезијата е на авторката Елена Пренџова и Владимир Петровиќ. Ова е почеток на серија истражувања на влијанието на алатките на ВИ, а како прв соговорник се анализира Chat GPT.

Повеќе за проектот

Аудио-визуелниот проект „Ноксиа“ (noxia)  е видео инсталација која претставува систем на медиумски можности во пренесување на информација и прекини во комуникациски процеси. Низ видео и звучен приказ „Ноксиа“ прикажува недоследности во искази кои настануваат со користење на алатките на генеративната вештачка интелигенција. Во проектот се истражува начинот на кој вревата (noise, noxia)  која постои или настанува во перцептивниот процес на комуникаторите станува дисфункционален дел на информацијата сè до пренесувањето на пораката. На тој начин таа метаморфозира и созадава код на новонастаната ситуација во која когнитивната способност на рецепиентот е тестирана. Како замислените факти се претвараат во препозиција на логичности и стварности е истражувачки предизвикот на аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ со кој низ експеримент се обидуваме да симулираме комуникациски процес на човекот кој користи алатки на генеративна вештачка интелигенција за да постигне значење. Може ли да се создаде комуникациска состојба ако комуникаторите не користат човечки предиспозиции туку синтетички изградени модели на свест? Алатките на генеративната вештачка интелигенција преку ChatGPT, Character AI, Gemini, X, Facebook овозможуваат виртуелни соговорници и виртуелни асистенти да помогнат или остварат комуникациски систем преку природен процесиран јазик (NLP). Возможно ли е да се комуницира ако комуникаторот е празен простор исполнет со кодови и факти, а емоционалноста ја создава врз база на интерпункциски знаци, емотикони, емоџи и граматички структури во реченицата?

Аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ симулира врева која настанува во самата намера да се комуницира со податоци кои создаваат логички композиции каде се исклучува одговорноста за влијанието од создаденото значење врз корисниците. Кога фактите изгледаат навидум реални и стварни, настанува поле на фантазии и замисли кои можат да креираат простор на брзо и автоматизирано комуницирање, но да го намалат потенцијалот на човековото автономно размислување.

Како автори го следиме и аналзираме процесот на создавање комуникациски варијации на визуелни искази кои се генерички и синтетички. Низ аудио-визуелен процес , „Ноксиа“ ја интегрира природата како основен функционелен дел на пренесување пораки.

Аудиовизуелниот проект „Ноксиа“ ќе започне циклус на истражувачки процес за тоа како генеративната вештачка интелигенција создава нов систем на разбирање на стварноста, потенцијалните ризици врз разбирањето на информациите и влијанието на аудио визуелните потенцијали на креативното изразување.

Вероника Камчевска

 

Текстот Откриј ја „Ноксиа“ – аудио-визуелна магија оваа сабота во Аеродром е превземен од МАКФАКС.