На 11 септември, на 13. Театарски фестивал за деца „Малиот принц“ во Штип, Македонскиот народен театар ќе гостува со претставата „Жива досада“.

Гостувањето на МНТ е во организација на НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, кој веќе традиционално обединува значајни детски театарски продукции од земјата и регионот.

Претставата, наменета за деца над пет години, се занимава со современа, но често игнорирана тема, досадата кај децата, и како може таа да биде врата кон креативноста, играта и самоистражувањето, наместо нешто од што треба да се бега. Иновативен и топол авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, а во режија на Јовановска.

„Досадата не е непријател, туку креативен простор, кој им овозможува на децата да се поврзат со себе и со светот околу себе“, вели актерката Изабела Јакимова, која е и една од авторките на текстот.

Во претставата настапуваат: Гоце Андонов, Нина Деан, Изабела Јакимова, Јана Вељановска и Билјана Јовановска (алтернација).

Преку духовита и интерактивна форма, „Жива досада“ ги охрабрува децата да ги откријат магичноста на досадата и вредноста на паузата – простор во кој настануваат најубавите игри, разговори и идеи. Истовремено, испраќа важна порака и до родителите да не го исполнуваат секој момент на детето со активности, туку да остават простор за самостојно растење.

Со ваквите репертоарски претстави ‒ МНТ продолжува да гради едукативен и инспиративен театар, а „Жива досада“ е пример за тоа дека детскиот театар може да биде уметнички сериозен, длабоко комуникативен и актуелен.

Текстот Македонскиот народен театар со „Жива досада“ гостуваа на фестивалот во Штип е превземен од МАКФАКС.