Претседателот на Собранието, Африм Гаши, се обрати пред пратениците, претставници на владиниот кабинет, дипломатскиот кор и јавноста по повод 8 Септември – Денот на независноста, честитајќи ја 34-годишнината од независноста на Македонија.
Во својот говор, Гаши истакна дека независноста е темелот врз кој треба да се гради демократски и стабилен заеднички дом, со почитување на различностите, справување со корупцијата, зајакнување на правната држава и меритократијата, како и зголемување на благосостојбата на граѓаните.
„Кога зборуваме за независноста на државата, природно ни изгледа како да ја допираме историјата, а сите добро знаеме дека историјата на нашата држава не беше ниту лесна ниту многу пријатна. Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, но имаше и моменти кога заедно знаевме да освојуваме победи. А денес, пред сè, се радуваме бидејќи овој ден нè наоѓа обединети во мир“, порача Гаши.
Нагласи дека Северна Македонија денес е пример на сплотеност меѓу различните народи, стабилен сојузник на НАТО и достоен кандидат за полноправно членство во Европската Унија. Главната порака што ја упати до граѓаните е суштинската сплотеност – да се гради заедништво преку почитување на различностите, наместо поделби.
„Независноста не е подарок – таа е завет од минатото, обврска за сегашноста и патоказ за иднината. Таа е завет оваа земја да биде наш заеднички дом, татковина на сите нејзини луѓе без поделби и без исклучоци“, рече Гаши, повикувајќи на создавање на заедничка иднина.
Текстот Гаши по повод 8. Септември: Имаше моменти кога дури и соживотот беше изложен на искушенија и успеавме, заедно знаевме да освојуваме и победи е превземен од МАКФАКС.