Русија ги поддржува иницијативите на кинескиот лидер Шји Џјинпинг во однос на глобалното управување и е заинтересирана да започне конкретно разгледување на предлозите на Кина, изјави рускиот претседател Владимир Путин на состанокот на ШОС+ во Тјенџин.
„Секако, многу внимателно слушавме сè што предложи претседателот Џјинпинг во врска со создавањето нов, поефикасен и пофункционален систем на глобално управување. Ова е особено релевантно во ситуација кога одредени земји сè уште не се откажуваат од својата желба за диктатура во меѓународните односи. Русија ја поддржува иницијативата на претседателот Шји и е подготвена да премине на конкретно разгледување на предлозите на нашите кинески пријатели“, подвлече Путин.
На самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), Џјинпинг презентираше иницијатива за „глобално управување“, со цел создавање пофер светски поредок заедно со други земји.
Путин оцени дека Шангајската организација за соработка може да стане водечка сила во создавањето пофер систем на глобално управување.
„Мислам дека ШОС би можел да преземе водечка улога во напорите за изградба на пофер и порамноправен систем на глобално управување, заснован на приматот на меѓународното право и клучните одредби од Повелбата на ОН. Тој систем би бил навистина избалансиран, би ги земал предвид интересите на најширокиот спектар на земји и би гарантирал услови за нивен одржлив развој и безбедност“, рече Путин, пренесува RT.
Дополнително, рускиот шеф на државата нагласи дека и покрај тешкотиите во глобалната економија, колективниот БДП на земјите-членки на ШОС расте побрзо од светскиот просек.
„Индикативно е дека во контекст на континуирани тешкотии во глобалната економија, вкупниот БДП на земјите од ШОС во 2024 година се зголемил за повеќе од 5 проценти во просек, што е повисоко од глобалното ниво. Индустриското производство се зголемило за 4,6 проценти“, нагласи тој, додавајќи дека трговско-економската, инвестициската и финансиската соработка енергично се развива во рамките на ШОС.
Тој додаде дека сè повеќе земји се обидуваат да соработуваат со Шангајската организација за соработка, а искрениот интерес и вниманието на светската заедница кон оваа организација продолжува да расте.
„Искрениот интерес и вниманието на светската заедница кон сеопфатните активности на ШОС продолжуваат да растат. Сè повеќе земји се стремат кон отворен и рамноправен дијалог со нашата организација“, истакна рускиот лидер.
Фото: принтскрин
Текстот Путин: Време е традиционалните вредности да се вратат на меѓународната агенда е превземен од МАКФАКС.