Остваривме извонредна и пријателска средба со долгогодишниот градоначалник на Љубљана, господинот Зоран Јанковиќ, објави актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Средбата, додава тој, поминала во пријателска атмосфера, при што биле разменети значајни искуства и визии за идната соработка помеѓу Скопје и Љубљана.
„Добив драгоцени совети и поддршка од градоначалникот Јанковиќ, со јасна определба Љубљана да биде град-партнер и вистински пример за развојот и модернизацијата на Скопје.
Посебен акцент ставивме на најголемите предизвици со кои се соочува нашиот град – јавниот превоз и чистотата.
Градоначалникот Јанковиќ ни даде ветување дека експертски тимови од Љубљана ќе бидат континуирана поддршка за Скопје, но не само во овие сфери, туку и во секоја област во која ќе побараме помош.
Договоривме интензивна соработка и зајакнување на капацитетите на градот Скопје во насока на креирање, планирање и спроведување европски проекти.
Верувам дека преку ова партнерство ќе изградиме поефикасен и поевропски град Скопје, достоен за своите граѓани.
Со задоволство го потврдивме статусот на побратимени градови и во таа насока упатив срдечна покана до господинот Јанковиќ за негова официјална посета на Скопје, град кој сака да учи од најдобрите“, вели Ѓорѓиевски.
Текстот Ѓорѓиевски : Љубљана ќе биде град-партнер за развојот на Скопје е превземен од МАКФАКС.