Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник повторно покажа темна модринка на задната страна од десната рака за време на потпишувањето на извршна наредба во Овалната соба.

Седејќи на бирото, Трамп се обиде да ја скрие модринката на десната рака ставајќи ја левата рака врз неа додека разговараше со новинарите.

Минатиот викенд, Трамп беше виден како носи шминка на раката, наводно за да ја прикрие модринката што се повторува. Но, за време на прес-конференцијата во понеделникот, новинарите постојано забележуваа голема модринка на задната страна од неговата рака.

Модринката беше видлива и кога Трамп го прими својот јужнокорејски колега Ли Џе-мјунг во Овалната соба. Црно-сината дамка е најновата во серијата видливи модринки на раката на 79-годишниот претседател, кој се појавува со истата повреда повремено неколку месеци, понекогаш криејќи ја со шминка, пренесуваат светските медиуми.

Белата куќа и докторот на Трамп велат дека претседателот е во „одлична здравствена состојба“ и дека модринката е резултат на често ракување и земање аспирин.

„Ова е во согласност со блага иритација на меките ткива од често ракување, како и од земање аспирин, што е дел од стандардниот режим за превенција на кардиоваскуларни заболувања“, рече докторот на Трамп, Шон Барбабела.

„Тоа е познат и безопасен несакан ефект од терапијата со аспирин“.

Сепак, тој одговор не задоволи дел од јавноста на социјалните медиуми кои шпекулираа дека Трамп можеби прима медицински третмани преку инфузија или дека прави чести крвни тестови. Трамп неодамна откри дека му е дијагностицирана „хронична венска инсуфициенција“, што значи дека има оток во долните екстремитети бидејќи вените во нозете не ја пумпаат крвта ефикасно назад кон срцето, според написите.

Кога беше прашана за слојот шминка врз неговата модринка минатиот викенд, портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, рече дека Трамп се ракува повеќе од кој било претседател.

„Претседателот Трамп е човек од народот, тој се среќава со повеќе Американци секој ден и се ракува со нив повеќе од кој било претседател досега. Неговата посветеност е несомнена и тој ја покажува секој ден.“

Претставникот Рони Џексон, поранешен претседателски лекар од 2013 до 2018 година, рече дека Трамп е „најздравиот претседател што оваа нација некогаш го имала“.

Фото: принтскрин

Текстот Модринка на раката на Трамп повторно ги разгорува гласините за неговото здравје е превземен од МАКФАКС.