„Систематски, како по книга, ВМРО-ДПМНЕ го уништува Прилеп! Неисплатената плата на вработените во Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови, е причина за тридневниот прекин на градскиот превоз во Прилеп. Како главни виновници за настанатата ситуација, вработените и директорот на јавното претпријатие ги посочија Општината, односно училиштата, кои на претпријатието му должат фантастични 7 милиони денари“, вели Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп.
„Така, неспособноста на градоначалникот Борче Јовчески и аматерското водење на институциите од страна на директорите на ДПМНЕ, ги принуди прилепчани сами да се снаоѓаат и да го решаваат проблемот кој им го сервираше локалната власт.
Со тоа, после само два дена на виделина излегоа лагите за „успешното“ функционирање на локалните институции, кои преку таканаречениот „Отчет“ Јовчески и ДПМНЕ ги презентираа на партискиот „Саем на срамот“ во Скопје.
Лага е дека Општината набавила 5 нови минибуси за градскиот превоз, а уште поголема лага тезата за „огромните“ инвестиции во основните и средните општински училишта.
Да биде трагикомедијата поголема, токму лошото менаџирање на овие институции и нивната меѓусебна спрега, ги доведе во ќорсокак вработените во јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови.
Граѓаните на Прилеп немаат никаква дилема дека актуелната владејачка гарнитура на ДПМНЕ, е најлошата од постоењето на градот.
После обврските од 6 милиони евра кои Јовчески и ДПМНЕ му ги оставаат на новиот градоначалник, после испустените јавни претпријатија, прашањето кое се наметнува е – ќе имаат ли време до крајот на мандатот да уништат уште нешто?“, изјави Саша Лепиткова, претседателка на Форум на жени на ОО СДСМ-Прилеп.
Текстот (Видео) СДСМ Прилеп: Заради протест на вработените, прилепчани останаа без градски превоз е превземен од МАКФАКС.