Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денеска оствари работна средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски.
На средбата се разговараше за тековната состојба на пазарот на недвижности и за можностите за поефикасна размена на информации меѓу двете институции. Како што соопштија од Катастар, целта на средбата е креирање нови мерки за полесен пристап до кредити за купување прв стан.
Директорот Живковски ја изрази подготвеноста на Катастарот за интензивна соработка со Народната банка, нагласувајќи дека податоците за тековните трендови на пазарот на недвижности се клучни за креирање ефективни политики. Тој посочи и дека во тек е работа на повторно активирање на Регистарот на цени и закупнини, кој претходното раководство го имаше целосно прекинато.
Гувернерот Славевски истакна дека се подготвуваат мерки за поттикнување поповолно кредитирање на објекти за живеење, особено за млади граѓани и брачни парови кои првпат купуваат стан.
„Нашата цел е да овозможиме подобри услови и достапност на кредити за становите што се купуваат за живеење. Со тоа ќе им помогнеме на граѓаните што имаат вистинска потреба од сопствен дом, во услови кога цените на недвижностите растат“, рече Славевски.
Агенцијата за катастар и Народната банка договорија потпишување на меморандум за соработка, кој ќе овозможи подобра размена на информации, брза достапност на податоци за недвижности и зајакнување на аналитичките капацитети за следење на пазарните трендови.
Соговорниците се согласија дека разликувањето на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции, како и зајакнатата институционална соработка, ќе создадат услови за поефикасна поддршка на граѓаните при решавање на станбеното прашање и индиректно ќе влијаат на стабилизирање на цените на пазарот на недвижности.