Виетнам ги затвори аеродромите и училиштата и започна масовни евакуации додека се подготвува за најсилната бура оваа година. Се очекува тајфунот Каџики, со ветрови до 166 км/ч на море, да стигне до копното денеска попладне, објави Ројтерс.
„Ова е исклучително опасна и брзо движечка бура“, соопшти владата вчера вечер, предупредувајќи дека Каџики ќе донесе обилни дождови, поплави и лизгање на земјиштето.
Со својата долга крајбрежна линија свртена кон Јужното Кинеско Море, Виетнам е особено ранлив на бури кои често одземаат животи и предизвикуваат катастрофални поплави и лизгање на земјиштето. Се очекува Каџики да ги погоди помалку индустријализираните провинции во споредба со областа каде што минатогодишниот тајфун Јаги уби околу 300 луѓе и предизвика штета од околу 2,8 милијарди евра.
Прогнозите покажуваат дека тајфунот потоа ќе се движи кон внатрешноста на Лаос и северен Тајланд.
Виетнамските власти соопштија дека денес околу 30.000 луѓе се евакуирани од крајбрежните области. Повеќе од 16.500 војници и 107.000 паравоени трупи се мобилизирани за да помогнат во евакуацијата и се во подготвеност за операции за пребарување и спасување, се вели во соопштението на владата.
Властите вчера објавија дека ќе мора да евакуираат повеќе од половина милион луѓе и им наредија на сите бродови да останат во пристаништето.
фото: принтскрин
Текстот Виетнам се подготвува за моќен тајфун, ги затвора училиштата и аеродромите е превземен од МАКФАКС.