Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска ги отвори понудите од тендерот за доделување на фреквенциски опсези што ќе ѝ овозможат на Македонија да добие трет мобилен оператор. Во следните десет дена ќе се донесе одлука кои компании ќе продолжат со преговорите и ќе учествуваат на јавното наддавање, кое е закажано најрано по 14, а најдоцна по 30 дена.
За наддавањето да се одржи, потребно е најмалку двајца квалификувани понудувачи да се натпреваруваат за иста фреквенција. Тоа отвора можност за зголемување на конкуренцијата на пазарот, кој во моментов е под доминација на „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“. Новиот оператор ќе мора да понуди атрактивни и конкурентни услуги за да може да освои дел од корисниците.
„Пристигнувањето на нов мобилен оператор ќе донесе подобри услови за корисниците и бизнисите,“ вели професорот Тони Јаневски од ФЕИТ, но предупредува: „Клучен предизвик ќе биде изградбата на сопствена инфраструктура и обезбедувањето висок квалитет на мрежата.“
АЕК најави дека ќе бидат доделени три фреквенциски опсези:
А1: 703–713/758–768 MHz (2×10 MHz)
Б1: 1775–1785/1870–1880 MHz (2×10 MHz)
Ц1: 3.5–3.6 GHz (1×100 MHz)
Почетните цени се движат од 1,5 до 4,2 милиони евра, а главен критериум ќе биде висината на еднократниот надомест.
Интерес за учество изразија три компании: „ONE Македонија Телекомуникации“ (дел од унгарската групација „4iG“), „Битстрим Мобиле“ и „е& ппф Телеком Груп Б.В.“.
Според експертите, влезот на трет мобилен оператор може значително да го забрза развојот на телекомуникацискиот пазар во Македонија, да донесе нови инвестиции и да ја поттикне дигиталната трансформација на државата.