Стојан Синадинов
Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста на 17.08.2025 година, по немирите на улиците и судирот на полицијата со демонстрантите во неколку градови во Србија, ја искористи и трагедијата со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани за да ја илустрира политичко-безбедносната ситуација во неговата земја.
Потенцирајќи дека обраќањето следува по немирите и насилствата во Ваљево, Белград и Нови Сад претходните денови, Вучиќ рече ќе почне и ќе заврши со приказната со правдата:
Признавам, немаше окупациски медиумски сервиси кои би го користеле тоа во претходниот период, како што правиме денес во Србија, кога 16 лица изгореа во различни пожари во Нови Сад, каде што тоа беше директна човечка вина, директна вина, најдиректна можна, недвосмислена, на градските раководители и сите други. Интересно е што не сте го слушнале зборот правда во многу земји, да речеме земја четири пати помала од нашата, како што е Северна Македонија, каде што четири пати повеќе луѓе загинаа на место каде што тоа е директна човечка вина, лесно докажлива. Зошто тоа го слушнавме тоа во Србија? Го чувме во Србија затоа што беше искористено како оружје и муниција во борбата против слободна, суверена и независна земја.
Вучиќ продолжи со неговата експликација за потрагата по правдата за 16-те жртви по падот на настрешницата на реновираната железничка станица во Нови Сад, тврдејќи дека како „сè започнало со тие романтични, носталгични приказни за нашите деца, нашите ученици, нашата младина, нашата иднина“.
Иако сè уште не сме сосема сигурни што точно се случило, а уште помалку сум сигурен дека знаат оние што сакаат сè да сведат на политика и да ги прогонуваат оние што досега ги прогонуваа по прашањето на таа надлежност. Но, секако правдата мора да се најде за тие 16 жртви, за сите повредени луѓе, за секоја солза на секој родител.
[Извор: Новинска агенција ТАНЈУГ; видео од 28:00 мин.; Датум – 17.08.2025]
Образложение:
Соочен со масовни демонстрации низ цела Србија, кои траат веќе девет месеци и на кои се бара одговорност за 16-те жртви по падот на настрешницата на неодамна реновираната железничка станица во Нови Сад, претседателот на Србија Александар Вучиќ во неговото најново обраќање до јавноста – што веќе традиционално траеше повеќе од еден час – повлече паралела со трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“. Во пожарот во Кочани загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени и сè уште се рехабилитираат од траумите.
Вучиќ, извртувајќи ги фактите, тврди дека не се чуло за „зборот правда во многу земји, да речеме земја четири пати помала од нашата, како што е Северна Македонија, каде што четири пати повеќе луѓе загинаа на место каде што тоа е директна човечка вина, лесно докажлива“, што е невистина.
Настрана од опседнатоста и спиновите на српскиот претседател Вучиќ со наводното „македонско сценарио“ кое треба да го симне од власт, потрагата по правдата за жртвите во пожарот во кочанската дискотека не е прекината. Напротив.

Веднаш по трагедијата во кочанската дискотека, на 16.03.2025 Министерството за внатрешни работи (МВР) и Обвинителството започнаа со обезбедување документација за опожарениот објект. Во првичната фаза на истрагата осомничени се над 20 лица поврзани со пожарот, а приведени се и поранешен државен секретар на Министерство за економија, поранешен и сегашен раководител на сектор во Министерство за економија, поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени, организаторите на самиот настан, некои биле во рамките на обебзедување и дел на други активности кои се случувале вечерта.
На 21.03.2025 Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
На 12.04.2025 Основното јавно обвинителство Кочани ја прошири истрагата на нови 19 лица . До тој момент е поведена истрага против вкупно 45 физички и три правни лица. Подоцна истрагата опфати над 60 лица осомничени за трагедијата.
Освен обвинителството и органите на прогонот, секако дека и јавноста е во потрага по правда, бидејќи освен тогашниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, ниту еден од актуелните министри и државни функционери не си поднесе оставка од морални причини.
Веднаш по пожарот, јавноста силно реагираше на настанот и на сериозните пропусти што доведоа до него. Веќе наредниот ден, во Кочани се одржа собир на разгневени граѓани, при што беше демолиран другиот угостителски објект во сопственост на Јованов – кафе-барот „Класик“.Мирни собири и маршеви беа организирани низ повеќе градови во државата, а најмасовни беа собирите во Скопје, предводени од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“. Во последните два викенда, и семејствата на загинатите одржаа посебни протестни собири на кои изразија разочараност од темпото на истрагата и побараа брза и ефикасна правда за нивните најблиски, набројува порталот Цивил Медиа на 16.04.2025.
Сепак, обвинението против осомничените за трагедијата во кочанската дискотека сè уште не е покренато.
Обвинението напишано на повеќе од 160 страници со огромен број доказен материјал сè уште чека оценка од Кривичниот суд Скопје. Неофицијалните информации до кои дојде Радио Слободна Европа, од високи извори во Судот се дека 39 адвокати на 34 обвинети поднеле приговори, но судот сè уште чека да помине и рокот од 8 денови за некој од нив да не испратил приговор по пошта, констатира Радио Слободна Европа на 11.08.2025. .
До овој момент обвинението во врска со пожарот во Кочани е во фаза на оцена пред Совет за оцена на обвинителен акт, а Основниот кривичен суд Скопје соопшти дека досега до судот се доставени 40 приговори од обвинетите и нивните бранители, кои веќе се доставуваат до надлежното јавно обвинителство за да се запознае и произнесе по приговорите.
Од друга страна, пак, се манипулира со болката на родителите и роднините на настраданите. Дел од нив на 07.06.2025 имаа средба со премиерот Христојан Мицкоски во Владата на С. Македонија, по која жестоко реагираа заради отсуство на разбирање за нивните маки.
Според сведоштвата на родителите во соопштението на „Здружението 16 март 2025 Кочани“, на средбата одржана во Владата одекнале зборови кои ниту еден родител никогаш не би смеел да ги слушне: „Одредете си цена за вашите деца“. Реченица која како пожар сува трева уште еднаш ги изгоре срцата на роднините. Реченица која ќе одекнува засекогаш како уште една смрт – смрт на човечкото достоинство и емпатијата, пишува Мета.
Српскиот претседател Вучиќ во неговото обраќање прави конфузија со бројот на загинати во разни трагедии предизвикани од човечки фактор во Нови Сад изминативе две децении. Така, тој наведувајќи ги жртвите од неколку пожари што се случиле во Нови Сад изминативе години, изнасилено сака да го поистовети нивниот број со бројот на жртвите од падот на настрешницата на новосадската железничка станица, навестувајќи побрутални мерки против демонстрантите низ цела Србија.
Во секој случај, иако родителите и роднините на жртвите од пожарот во кочанската дискотека се под комбиниран притисок преку закани и ветувања за вработувања и слично, сепак не е вистина дека не го слушаме зборот правда во земја којашто е четири пати помала од земјата на српскиот претседател Вучиќ. Меѓу другото, и преку постојани „Маршеви на ангелите“ од Кочани што се одржуваат секоја сабота.
Извори:
- (17.08.2025) ТАНЈУГ – Обраќање српскиот претседател Александар Вучиќ – [Проверено на 20.08.2025]
- (06.12.2024) Вистиномер Контраспин: „Македонско сценарио“ за Србија и(ли) „Српски свет“ за С. Македонија? – [Проверено на 20.08.2025]
- (14.04.2025) Вистиномер Фројдовската грешка на „српското сценарио“ во Северна Македонија – [Проверено на 20.08.2025]