Од Собранието на Република Северна Македонија информираат дека рокот за пријавување кандидати за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) завршил, а вкупно 13 лица ги поднеле своите кандидатури.

„Со оглед на тоа што постапката е прекината, прекината е и административната селекција. Имињата ќе бидат познати откако ќе заврши процесот на административна селекција на пријавените кандидати. Засега може да го потврдиме само вкупниот број на пријавите“, велат од Собранието.

До 15 август пристигнале десетина кандидатури, а како што посочи претседателот на Комисијата за прашања на избори и именувања, Ѓорѓија Сајкоски, конечната бројка е потврдена денеска, поради тоа што дел од пријавите биле пратени по пошта. Тој истакна дека „постапката по овој оглас ќе продолжи по 3 ноември, односно по завршување на локалните избори“.

На 13 август собраниската Комисија за прашања на избори и именувања одржа седница на која ја формира Комисијата за селекција на кандидати за претседател на ДКСК. Во неа членуваат седум претставници: Илбер Руфати, заменик Народен правобранител; Дарко Аврамовски, претставник на граѓанскиот сектор; Бардил Јашари, претставник на фондација за медиуми и информатичко општество; како и пратениците Бојан Стојаноски (ВМРО-ДПМНЕ), Саранда Имери Стафаи (ВРЕДИ), Митко Трајчулески (СДСМ) и Арбана Пашоли (Европски фронт).