Министерот за транспорт и врски Александар Николоски, денеска беше на увид на градежните работи на автопатот Охрид – Кичево, каде беше пуштена во употреба клучката Подмоље која ги спојува Охрид и Струга.

„Еве денеска решаваме уште една горлива работа, уште еден горлив проблем на изградбата на автопатот Охрид-Кичево, а тоа е пуштањето во употреба на оваа клучка во која се наоѓаме во моментот, а тоа е клучката Подмоље, клучка која што го спојува Охрид и Струга, но и две држави Македонија и Албанија.

И тоа беше еден од наследените проблеми во минатото затоа што во реализацијата на овој проект ајде што претходната власт што не работеше ништо, туку и тоа малце што го работеа го работеа погрешно, па решија да ја срушат оваа клучка без да бидат решени имотноправните односи, без да биде решена експропријацијата и клучката беше со години срушена, без можност наново да биде изградена и да биде пуштена во функција. Со промената на владата и формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Мицкоски ова се реши, ги решивме имотно правните односи, ги решивме сите административни проблеми кои што ни стоеја на патот. И веќе од денеска е функционална што значи многу побрзо проток на луѓе и патници од Струга и од соседна Албанија кон Скопје, но исто така и многу побезбеден сообраќај, бидејќи ова беше точка каде што навистина имаше големи проблеми во минатото.

Во однос на динамиката на изградба на патот, ние сме на дневна основа, посветено работиме, директорот, јас сум тука секогаш кога можам, премиерот будно следи и на дневна основа се координираме. Напредокот е добар, задоволни сме, имајќи ги во предвид годините на застој имаме добар напредок и за брзо време ќе имаме уште добри вести“, рече Николоски.