Во КИЦ – офицерски Битола вчера беше отворено Второто меѓународно биенале на минијатурна уметност МБМБ Битола 2025.

Биеналето е организирано и реализирано од нејзиниот раководител Владо Ѓорески, кустос и графичар кој што воедно е и раководител на Меѓународното графичко триенале Битола.

Зстапени се околу 600 автори, со околу 800 дела од повеќе од осумдесет држави.

Според уметничкиот израз на пристигнатите дела, станува збор за една од позначајните ликовни манифестации во меѓународни размери. Второто биенале на минијатурна уметност веќе е позиционирано во релевантните ликовни случувања и е одредница за современите уметнички текови во светот.

После Битола, биеналето ќе биде презентирано во Грција, Србија, Романија а во преговори е и со Полска затоа што свое учество имаат над сто полски автори.

Настанот го отвори Драган Ристевски, галерист, кој што истакна:

-„… Очигледен е растечкиот интерес од страна на уметниците ширум светот, што потврдува дека Биеналето и Битола стекнуваат афирмација и респект, како и желба кај авторите да бидат дел од оваа меѓународна уметничка средба. Концептот на Биеналето – мал формат, е намерно избран, бидејќи им овозможува на уметниците да се изразат чисто, неоптоварено, импулсивно и слободно….“

На самото свечено отворање, постхумно беше доделана специјална награда на битолскиот ликовен уметник Ранко Струмениковски за неговиот придонес во развојот на современата ликовна уметност и графика во Македонија. Наградата ја прими Тања Струмениковска Ристевска, ќерка на уметникот како и специјална награда на Гоце Божурски за истакнати креативни изразувања особено во минијатурната уметност, реализирана и преку неговиот циклус создаден од 1000 графички дела- „Илјада и една љубовна приказна“

Во предговорот на каталогот за биеналето, кој е на 950 страници, Владо Ѓорески пишува:

„…Меѓународното Биенале на минијатурна уметност Битола, 2025, нема за цел да биде еден вид на меѓународна ликовна манифестација. Нема за цел да биде културен или културолошки национален престиж и претенциозно претставување пред светот. Нема за цел да промовира одредени нови естетски или стилски движења најчесто форсирани или измислувани од „куратори“ финансирани од „светските“ банкарските конзорциуми или медиумските магнати, кои се фабрики за измислување на новиот лажен свет и форсирање на празни, бесмислени вредности со исклучиво комерцијални амбиции и претрупувања. Нема за цел да наметнува познати и постојано секаде присутни група на автори, во време кога поштенското испраќањето на едно или повеќе графички дела изнесува во најголем број на држави повеќе од една плата на графичарот или уметникот. Нема за цел да претставува статистички бласфемии-колку држави, колку автори, кога никој незнае каде се наоѓа нивната географија ниту пак во ова равнодушно време на некој воопшто нешто тоа му претставува. Нема за цел да селектира дела, ангажираќи консилиум од восочни и роботизирани елитистички планетарни авторитети и празни „хуманоиди“.

Можеби, тоа е тивко, скриено, непознато, острово, кое на некој чуден начин успеало да се оддели од огромниот напредок на глобализмот, трансхуманизмот, и како некое фатаморганско проклетство плови низ морето на заборавените вистински слики, наспроти величенствениот огномет на фаренхајтовскиот 451, во кој повеќе не се спалуваат книгите, туку систематски и дефинитивно Човечкиот Дух.

Скриено, незабележливо, дел од некаков сон, од агонијата на Sвездата, осудена да ја скрие засекогаш во себе вистинската светлина, предсмртно поништена.

Меѓународното Биенале на минијатурна уметност Битола е цивилизациска атрофија, во која се чуваат сличиња, дневници, минијатури на нашето бледо постоење, прогонето од Потопот на цивилизацискиот огромен прогрес, во кој Императорот на вештачката интелегенција ги создава империите на лажните слики низ кои не постоиме ние, туку демонската темнина на глобалниот пекол составен од нашиот комформистички материјализам низ кој така длабоко и засекогаш потонуваме во едно безначајно, непотребно и неважно-НИШТО…“

Текстот Второ меѓународно биенале на минијатурна уметност – графики, цртежи, сликарство- Битола 2025 е превземен од МАКФАКС.