Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, денес ги покани претседателите на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп и на Украина, Володимир Зеленски, како и генералниот секретар Марк Руте и неколку високи функционери на Европската Унија (ЕУ) на виртуелна средба пред самитот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

Кабинетот на Мерц објави дека виртуелните разговори, закажани за среда, ќе се фокусираат на моменталната ситуација во Украина, имајќи предвид дека во петок, 15 август, Трамп и Путин треба да разговараат за ова во Алјаска.

Планирани се и дискусии за опциите за вршење притисок врз Русија, а се разгледуваат и подготовки за можни мировни преговори и прашања за територијални претензии и безбедност, додаде канцеларијата на Мерц.

Зеленски не беше поканет на самитот во Алјаска, ниту пак беа поканети претставници од западноевропските земји и ЕУ.

По повод самитот, Руте рече дека состанокот во голема мера ќе покаже дали Путин се залага за мир, односно дали сака да ја заврши војната што Русија и Украина ја водат од февруари 2022 година.

Тој верува дека Трамп е подготвен да изврши притисок врз Путин, објави бриселскиот портал Политико.

ЕУ свика итен состанок на министрите за надворешни работи на своите членки пред самитот, со цел да се обиде да влијае на неговиот исход, од страв дека Путин ќе се обиде да прогласи политичка победа во војната.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави пред состанокот дека сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина.

„Додека работиме за одржлив и праведен мир, меѓународното право е јасно: Сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина. Одржливиот мир исто така значи дека агресијата не може да биде наградена“, рече таа.

Текстот Мерц ги покани Трамп, Зеленски и Руте на виртуелна средба пред самитот во Алјаска е превземен од МАКФАКС.