Британската авиокомпанија „Изи џет“ суспендира еден од своите пилоти кога гостите на луксузен хотел во Капо Верде наводно го виделе како шета во заедничките простории пијан и целосно гол рано наутро, објавува Би-би-си.

На 4 август пилотот пристигнал во хотелот Melia Dunas Beach Resort and Spa, каде што почнал да пие во хотелскиот бар. Околу 2.30 часот по локално време на 5 август, по долго пиење, се соблекол и почнал да шета кај рецепцијата, а потоа и во салата за вежбање и во спа-центарот на хотелот.

„Пилотот не носел облека и смрдел на алкохол“, изјавил анонимен извор од авиокомпанијата за „Сан“. „Секој што го видел како се забавува гол во раните утрински часови денот пред летот, сигурно не би сакал да лета со него“.

Пилотот требаше да лета со повратниот лет за „Лондон Гетвик“ попладнето на 6 август, но компанијата го отстрани од служба откога доби поплаки и најде замена.

Портпарол на „Изи џет“ потврди за Би-би-си дека пилотот е суспендиран и дека е во тек внатрешна истрага. „Безбедноста на нашите патници и на екипажот е нашиот највисок приоритет“, соопшти компанијата.

Етичкиот кодекс на „Изи џет“ наведува дека вработените мора да се однесуваат со интегритет.

Текстот Пилот на „Изи џет“ шетал во хотел пијан и гол, требало да лета следниот ден, суспендиран е е превземен од МАКФАКС.