На 2.218 метри надморска височина утре, 9 август, љубителите на планината, природата и театарската уметност ќе имаат ретка можност, 26 – тата изведба на претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ да ја проследат на Големо Езеро, Пелистер.
Вечерта на небото над Големо Езеро ќе има полна месечина и актерите ќе настапат на природна сцена. Јавната установа Национален парк Пелистер, во соработка со Народниот театар – Битола и Битолскиот камерен оркестар, со поддршка на Општина Битола, организира уникатен културен настан на несекојдневна локација – театарска претстава на отворено.
Под светлината на полната месечина, публиката ќе има можност да ја проследи драмската претстава во режија на Марјан Георгиевски, кој и настапува во претставата заедно со актерот Александар Копања.
Музиката за претставата ќе биде во живо во изведба на членови од Битолски камерен оркестар.
Претставата отвора суштински теми за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските што ги носиме и загубените вредности во современото општество. Тоа е психолошка и филозофска драма која патува од интимно до општествено, од реалност до апсурд.
Претставата почнува во 21:30 часот. Посетата е со претходна пријава, бројот на посетители е ограничен.
Пристап до локацијата: По некатегоризиран пат (15 км) од Информативниот центар на Пелистер (1350 м.н.в.), или по патека од С. Ниже Поле преку Дебел рид, со тежина од втора категорија.
Важно за посетителите: Поради специфичните природни услови и безбедносните протоколи (вклучително и важечката забрана за движење во шума), присуството е дозволено само со претходна најава, независно од начинот на пристап. Се препорачува соодветна планинарска опрема: Високи обувки, повеќеслојна облека (јакна, капа, ракавици), челна ламба и кутија за прва помош, храна и минимум 2 литри вода. Температурите за време на настанот ќе се движат меѓу 11–13°C.
Пријавување и дополнителни информации на телефон: 070312214
Текстот Битолски театар ќе игра претстава на отворено на 2.218 метри надморска височина на Пелистер е превземен од МАКФАКС.