Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) остро реагира на последниот процес на вработување во Армијата и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, оценувајќи го како систематско исклучување на Албанците и другите немнозински заедници од безбедносните институции.

Според податоците изнесени од партијата, од вкупно 74 нововработени лица:

  • 71 се Македонци,
  • 2 се припадници на ромската заедница,
  • само 1 е Албанец,
  • нема ниту еден претставник од останатите етнички заедници.

„Ова не е само неправда, туку реализирање на систематски план за исклучување на Албанците и другите немнозински заедници од државните институции, особено од безбедносниот сектор“, стои во реакцијата на ДУИ. Партијата посочува дека овој тренд е во спротивност со Уставот, како и со принципите на правична и соодветна застапеност, кои се дел од правниот поредок на државата.

ДУИ потсетува и на неодамнешниот случај со, како што го нарекува, „неоправдано деградирање“ на единствениот албански генерал кој, според нив, ги исполнувал сите услови да го води Генералштабот на Армијата. „Систематското исклучување продолжува, сега и во институционализирана форма“, наведуваат од партијата.

Според ДУИ, овој чин претставува директен напад врз духот на Охридскиот рамковен договор, врз уставниот поредок и врз мултиетничкиот карактер на државата. Партијата поставува отворени прашања до институциите:

  • Каде е правичната и соодветна застапеност?
  • Каде е уставно загарантираната еднаквост?
  • Зошто Албанците систематски се исклучуваат од клучните државни институции?

ДУИ најави дека нема да остане пасивна пред, како што ја нарекува, оваа „институционална дискриминација“, и бара:

  1. Итна истрага за спроведениот конкурс,
  2. Преземање одговорност од надлежните функционери во Министерството за одбрана,
  3. Бескомпромисна примена на начелото на правична и соодветна застапеност во сите државни институции, вклучувајќи ги и безбедносните.

„Државата не може да се гради врз основа на исклучување. Без сите заедници, државата не може да функционира. Ова е реалност што мора да се прифати – во спротивно, последиците ќе го загрозат самото општествено единство “, заклучуваат од ДУИ.