Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, остро го обвини градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, за сериозни злоупотреби поврзани со нелегална градба и фалсификување на документи со цел избегнување на плаќање комуналии.
Според Арсовска, Ганиу презентира тековни дивоградби како да се изградени до 2011 година, со што, според неа, се овозможува на трети лица да избегнат плаќање на законските обврски кон буџетот на Град Скопје. Таа укажува дека на една од спорните локации, на земјиште во државна сопственост, се гради објект кој веќе достигнал трета плоча, а не се платени никакви комунални давачки.
„Со ова не само што се оштетува буџетот на градот, туку се поткопува и правната сигурност на жителите на Чаир, кои секојдневно се соочуваат со ризици од небезбедни градби“, изјави Арсовска.
Таа додаде дека оваа објектна интервенција не може да биде легитимирана како наследена обврска, туку е активна дивоградба која се изведува сега, под директна ингеренција на локалната власт на Чаир.
Градоначалничката ја повика јавноста и институциите да не молчат и да преземат одговорност. „Ние како администрација имаме законска обврска да пријавиме секој обид за фалсификување службени документи и штета врз буџетот. Доколку молчиме, стануваме соучесници“, потенцираше таа.
Арсовска, исто така, праша дали Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе добие можност да ги разгледа случаите, алудирајќи на можна институционална блокада.
Таа најави дека јавноста наскоро ќе има увид во сите 150, како што ги нарече, „небезбедни згради“ што наводно се поврзани со градоначалникот на Чаир.
Од општина Чаир засега нема официјална реакција на овие обвинувања.