Европската комисија соопшти дека популарната кинеска онлајн платформа „Тему“ ги крши прописите на Европската унија, бидејќи не презема доволно мерки за да ја спречи продажбата на нелегални и небезбедни производи на своите корисници. Доколку овие обвинувања се потврдат, „Тему“ би можел да се соочи со висока парична казна која може да достигне до 6 проценти од вкупниот нивен годишен глобален приход.

„Постојат големи ризици потрошувачите во ЕУ да наидат на нелегални производи преку платформата“, стои во официјалното соопштение, пренесува „Ројтерс“. Наводно, било откриено дека купувачите на „Тему“ лесно можат да дојдат до производи што не ги исполнуваат стандардите – особено детски играчки и мали електронски уреди кои може да бидат опасни.

Според Комисијата, „Тему“ има слаба внатрешна проценка на ризик, бидејќи се потпира на општи индустриски податоци наместо да анализира конкретни закани поврзани со сопствената платформа. Ако овие прелиминарни наоди се потврдат, „Тему“ ќе се смета за прекршител на Законот за дигитални услуги – клучниот пакет правила на ЕУ за онлајн платформи.

Таквата одлука, покрај паричната казна, може да вклучува и задолжителни мерки кои „Тему“ ќе мора да ги преземе за да ги реши проблемите.

Од „Тему“ велат дека во целост ќе соработуваат со Комисијата, и дека ќе одговорат на официјалните наоди во наредните недели, но не прецизираа точен рок.

Наодите за небезбедни производи се само еден дел од пошироката истрага против „Тему“. Платформата е исто така под сомнение дека ги прекршува правилата на ЕУ во однос на користење дизајн што поттикнува зависност од купување, нетранспарентни системи за препорака на производи, како и ограничување на пристапот до податоци за независни истражувачи.

Текстот ЕУ тврди дека „Тему“ не ја спречува продажбата на нелегални производи е превземен од МАКФАКС.