И покрај зголемувањето кај соседите нема да има промени на цената на електричната енергија кај нас, бидејќи ниедна од енергетските компании нема доставено барање до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) дека ги зголемиле трошоците, потврди за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
-Гледаме дека во Србија цената се зголеми за 7,9 отсто што значи дека генерално и регионалните енергетски компании се соочуваат со тешка година на намалени приходи, а зголемени расходи, изјави Бислимоски.
Фокусот на РКЕ и цела енергија, потенцира, е насочена кон проширување на опсегот на листата на ранливи потрошувачи да добијат финансиска помош за подмирување на сметките токму на оние на кои им е најпотребно.
-Во моментов се врши дефинирање на категориите на кои ќе им бидат намалени сметките за електрична енергија. Една од таргетираните категории се семејства каде има еден пензионер со минимална пензија (прва група) и истата е единствен приход, појасни Бислимоски.