Министерот за економија Крешник Бектеши синоќе беше гостин во дебатниот магазин „Клик Плу“ на ТВ21, каде меѓудругото порача дека Македонија е една од земјите која најдобро се справила со пандемијата од економски аспект.
-Почнувајќи од зголемување на минималната плата преку мерките на Владата, кои освен субвенционирање на плати, издаваше и ваучери на граѓаните – ваучери за туризам и ваучери за користење на домашни продукти, прехрамбени и други, изјави Бектеши.
Тој воедно во истата емисија најави дека петтиот пакет мерки кој го подготвува Владата ќе биде наменет за угостителите, тутунарите, помош за медиумите, бескаматни кредити.
-По сериозни консултации со сите инволвирани страни, дизајниран е петтиот пакет мерки. Остануваат ситни работи да се додефинираат. Со овој пакет повторно директно помагаме на бизнисот и граѓаните. Со овој пакет ќе помогнеме на медиумите со тоа што ќе бидат ослободени од плаќање на лиценца, ќе помогнеме на компаниите, овој пат ќе видиме, има две опции или повторно исплата за плати или ќе има бескаматни кредити, ќе помогнеме и на тутунарите, и на спортските клубови и на сите кои што имаа криза за време на ковид, изјави Бектеши.