СДС под водство на Венко Филипче покажа само една работа – дека секогаш може да се оди подолу, дека дното е се подлабоко и подлабоко, рече денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Филипче е како жив песок, само ја влече надолу партијата. Ова се виде во овој последен период во кој никој жив не му прифаќаше да биде кандидат за ниту една општина, посебно за Скопје каде никој не сакаше да излезе на трката избори за градоначалник на Скопје, па по низа истакнати имиња кои очигледно сам си ги вадеше од глава мораше да излезе со Каја Шукова или таа да биде жртвата“, истакна Манасиевски.

Според него, Шукова не направила ништо за животната средина, за почист воздух, за управување со отпад и слично.

„Шукова која во својот министерски мандат од февруари 2023 година само излегуваше во јавност и како да се имаше снимено само повторуваше треба многу време да решиме било кој проблем со животната средина. Ако Шукова ништо не направи како министер за животна средина се поставува прашањето што може да направи како градоначалник на Скопје, посебно вакво Скопје речиси уништено од Данела Арсовска која со право може да се нарече само кума на градскиот хаос. Кандидатката за Скопје, Шукова, а воедно и сите досега предложени кандидати на Филипче и СДС се само потврда на тврдењата дека сите тие ќе ја трчаат трката која не е неизвесна туку води до сигурен пораз“, вели Манасиевски./Макфакс