Огласот за ангажирање 400 невработени лица за помош при гаснење пожари на Владата е отворен до четврток, потсети денес Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Единствен документ што им треба да пријавување е потврда од матичен лекар дека се здрави, а пријавувањето е во локалните центри за вработување.

„Ги повикувам сите заинтересирани лица за оваа владина мерка најдоцна до четврток да поднесат апликација во локалниот центар за вработување, во кој било град во државата. Таму ќе ги пополнат потребните документи. Значајно е дека треба да донесат медицинска потврда од матичниот лекар, во којашто се потврдува дека не боледуваат од тешки болести, кои би им пречеле во работењето на оваа исклучително одговорна задача. Други документи не се потребни. Од оние кои ќе покажат интерес за оваа работа ќе ги избереме најдобрите и ќе може да бидат примени како професионални пожарникари во локалните територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да бидат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која што е во фаза на формирање“, рече директорот на ДЗС, Ангелов.

Мерката предвидува, невработените лица кои ќе бидат ангажирани за извршување јавни работи, со фокус на создавање противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување на ризикот од пожари, да добиваат месечна плата од 24.000 денари. Владата ја најави оваа мерка минатата недела, директорот Ангелов рече дека иако платата на прв поглед не е примамлива, постои можност за професионално ангажирање на најдобрите.

Владата ја промовираше оваа мерка за да го намали хроничниот недостаток од пожарникари. Во моментов земјава има само околу 800 пожарникари од потребните 1500.