Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска одржа работна средба со шефот на Светската здравствена организација во Северна Македонија, Аким Али, и координаторката на процесот, Симона Атанасова, на која беше претставена финалната верзија на Стратегијата за соработка за периодот 2026–2030 година.
Стратегијата претставува клучна рамка за заедничка работа меѓу СЗО и државните институции во следните пет години, со јасен фокус на јавното здравје, климатските промени и квалитетот на животната средина. Новата Стратегија е усогласена со националните здравствени приоритети, Целите за одржлив развој и процесот на пристапување во Европската Унија.
Меџити порача дека интеграцијата на здравјето и екологијата не е само потреба, туку обврска кон идните генерации.
„Грижата за животната средина е директна грижа за здравјето на нашите граѓани. Затоа, Министерството ќе продолжи да биде двигател на политики што го подобруваат квалитетот на воздухот, чистата вода, климатската адаптација и одржливото урбано планирање – како клучни предуслови за подобро здравје и благосостојба. Оваа стратегија ја потврдува нашата заложба да делуваме навремено, одговорно и системски,“ изјави Меџити.
Во изработката на Стратегијата учествуваа над 150 претставници од институции, граѓански организации, младински групи и развојни партнери, а Министерството за животна средина одигра клучна улога во вклучувањето на еколошките аспекти како суштинска компонента на јавното здравје и одржливиот развој.
Следниот чекор е заедничко потпишување на Стратегијата на меѓуресорски состанок во есен 2025 година, со учество на премиерот, министерот за здравство, регионалниот директор на СЗО и други високи претставници.