Царинската управа за една година наплати приходи во висина од две милијарди евра или 105 милиони евра повеќе средства во Буџетот од годината претходно. Преку Секторот за контрола и истраги до Основното јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поднесена е 181 кривична пријава за сторени кривични дела. Вкупно сузбиени се над 520 случаи на криминални активности. Изготвен е нов Царински закон и се имплементираат проекти во вкупна вредност од 24,4 милиони евра, што ќе овозможи забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Ова го истакна директорот Бобан Николовски по повод „Една година резултати“ на кој во присуство на државниот врв, бизнис заедницата и меѓународните организации беа презентирани резултатите од изминатата една година. На настанот се обратија и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Во знак на признание за континуираните заложби и поддршка за унапредување на царинската служба, директорот во име на Царинската управа на премиерот му врачи Плакета со повелба.
„Тргнавме силно уште од првиот месец. Денеска Царинската управа претставува еден од главните столбови на кои се потпира државата, симбол за просперитет, симбол за безбедност. Во изминатиот период, заеднички покажавме дека институциите можат да бидат двигател на позитивни промени кога се водат со визија, а тимската работа е ставена во прв план. Не зборуваме веќе за индивидуални успеси – Царинската управа стана симбол на институционален капацитет што колективно испорачува резултати, истакна Николовски.
Мицкоски, нагласи дека за една година, со напорна работа, со визија и домаќински пристап државата е вратена на нозе, дел по дел, институција по институција, систем по систем.
„Овие бројки значат повеќе за пензии, за плати, за болници, училишта, патишта и за иднината на нашите деца. Тие пари до вчера завршуваа во сивата економија. Денес се враќаат кај народот. Се отвори и борбата против сивата економија и криминалот, а за тоа говорат и бројките – до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за организиран криминал поднесени се 181 кривична пријава“, нагласи Мицкоски.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките и податоците се импресивни и се јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на Царинската управа.