За околу месец и пол премиерот Христијан Мицкоски очекува во употреба да бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево- Охрид. Со нив и со делот кој викендов беше пуштен во употреба, Мицкоски вели дека ќе има 34-35 километри автопатско решение, а останатите до 57 километри колку што има вкупно делницата Кичево-Охрид, ќе бидат пуштени во употреба најдоцна во првиот квартал од 2027 година оти треба да се санираат свлечиштата.
„Се привршува секцијата од Климештани до Охрид. Тоа се исто така 17-18 километри кои очекувам до крајот на месец август да бидат пуштени во функција со што од вкупната делница од 57 километри до крајот на август 34-35 ќе бидат автопатско решение. Минус се оние пет километри кај Ботун и минус оние 17 од излезот на тунелот до Кичево кои очекувам да бидат завршени до крајот на 2026 година или почеток на 2027 година. Еве нека биде најдоцна првиот квартал од 2027 година“, рече премиерот Мицкоски денес на отчетот за сработеното оваа година на Царинската управа.
Дополнително треба да се заврши делницата од Врбјани до Кичево која е долга 17 километри и има 10 свлечишта. Премиерот Мицкоски вели дека проектите за стабилизирање на свлечиштата се готови и очекува во август да почне да се работи на нив, а целосно да бидат завршени на крајот на 2026 година или почетокот на 2027 година.
Во истиот период премиерот вели дека ќе се работи и на свлечиштата на петте километри од автопатот кај Ботун за кои смета дека се попредизвикувачки, но и за нив проектите се готови.
Премиерот Мицкоски најави дека ќе се зголеми и кредитот за доизградба на автопатот Кичево – Охрид.
„За сето ова за кое што зборувам е потребно зголемување на рамката на кредитот бидејќи за жал тоа не било предвидено во минатото“, рече премиерот без да прецизира за колку ќе се зголеми кредитот.
Според јавно достапните податоци, изградбата на автопатот Кичево Охрид досега чини 598 милиони евра, место првично планираните 374 милиони евра. Изградбата почна во мај 2014 година, а во јануари 2014 година беше склучен договорот за заем помеѓу банка на НР Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.
Текстот До крајот на август ќе бидат пуштени уште 18 километри од автопатот Кичево – Охрид, целосно во употреба во ’27 година е превземен од МАКФАКС.