Заменик-министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, присуствуваше на свеченото затворање на фестивалот „Кенге Јехо“, кој се одржа изминативе денови во Струга.
Во своето поздравно обраќање, заменик-министерот Сулејмани ја истакна важноста на промовирањето на културното наследство преку уметнички настани како овој фестивал, кој ги зачувува вредностите на традиционалната музика, но истовремено ги зацврстува културните врски и меѓународната соработка.
„Имам чест да ви се обратам овде, покрај убавиот Дрим во Струга, на ова 34-то издание на фестивалот „Кенге Јехо“, празник на нашето културно наследство, кој ги има освоено срцата на публиката и дома и надвор од земјава.
Овој фестивал е сведоштво за нашите уметнички вредности и за обединувањето преку културата. Им се заблагодарувам на организаторите за нивната посветеност и ве уверувам во нашата континуирана поддршка, особено за јубилејното издание следната година“, изјави Сулејмани во своето обраќање.
На фестивалот учествуваа уметници и музички групи од различни земји, како: Парагвај, Турција, Бугарија, Косово, Албанија, Ансамблот на албански народни песни и ора во Република Северна Македонија, како и други друштва од Републиката.
Настанот заврши со богата уметничка програма и многубројна публика, докажувајќи уште еднаш дека културата е најсилниот мост што ги поврзува народите.
Текстот Сулејмани од Струга: Културата е најсилниот мост меѓу народите е превземен од МАКФАКС.