Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на денешната прес-конференција ја обвини Владата предводена од Мицкоски за неспособност и импровизација во справувањето со пожарите. Тој посочи дека институциите повторно потфрлиле, оставајќи ги граѓаните со лопати, сами да се борат со огнените стихии, без соодветна поддршка, опрема и логистика.
„Само 24 часа по ПР спектаклот со импровизираното противпожарно тело и хермелините од АРМ, видовме дека нема систем, нема подготовка, нема реакција“, изјави Трајчулевски, додавајќи дека владата цела година не набавила нова опрема, не вработила обучени пожарникари, ниту ја сервисирала флотата на авиони за гаснење.
„Дали во која било земја во светот се гасат пожари со БТР-и и хермелини од армијата? Ова не е ниту НАТО, ниту Европа. Ова е циркус. Наместо МИП – Македонска Интервентна Пожарна, ние гледаме „импровизирана“ противпожарна единица и евтин ПР. Проблемот е што последиците од вашата неспособност ги чувствуваат граѓаните на терен“, изјави Трајчулевски.
Како што рече, Владата имала буџет за луксуз и советници со високи плати, но не и за заштита на граѓаните. Тој додаде дека СДСМ веќе во март 2024 предложила закон за интегриран систем за кризен менаџмент, но владата не презела ништо.